|
|
||
|
|
за ROTARY... Rotary тркалото, тркалото на пријателството, разбирањето, добрата волја и мирот во светот, на 23-ти февруар 1905 година, во движење го стави Пол Харис (Paul Harris) - реномиран адвокат од Чикаго, заедно со неговите блиски пријатели, со формирање на првиот сервис-клуб во светот. Многу веројатно дека ни самиот Пол Харис, во тој момент не верувал дека неговата идеја ќе добие толку голема поддршка помеѓу луѓето со слично размислување во САД и низ целиот свет. Ваквата поддршка доведе до втемелување на највлијателната, уважена и високо почитувана меѓународна организација, на сите позната како Ротари. Само за неколку години, се формираат клубови во многу места во САД и Канада. За десетина години, Ротари клубови се формираат и во многу европски градови. Со востановувањето на првите клубови во Англија и Ирска, од 1911 оваа организација е позната како ROTARY INTERNATIONAL. Брзиот, сигурен и непрекинат раст, оваа организација ја чини најголема светска услужна организација во моментов. Денес, ROTARY претставува околу 1.2 милиони мажи и жени орни за помош, организирани во повеќе од 30,000 Rotary клубови од 168 земји во светот. Дефиницијата за Rotary движењето настаната е во 1976 година. Се состои од една реченица од 34 зборови: ROTARY e организација на деловни и професионални луѓе здружени во целиот свет кои обезбедуваат хуманитарна помош, поттикнуваат високи етички стандарди во сите професии и помагаат во изградба на добра волја и мир во светот. Ротаријанците се професионални луѓе кои работат како волонтери за подобрување на квалитетот на животот секаде во светот. Членството рефлектира широк спектар на претставници во општеството. Rotary клубовите не се политички ниту религиозни, отворени се за сите култури, раси и вероисповеди. Амблемот на Ротари е ист за сите Ротаријанци низ целиот свет. Присутен е на сите меморандуми, знаменца и значки. Претставен е со тркалото кое се врти околу и наоколу. Амблемот е сопственост на ROTARY INTERNATIONAL и не може да се користи за комерцијални, политички или други цели. Главен предмет во ROTARY е сервис (помош) во општеството, на работното место и насекаде во светот. Ротаријанците градат доверба и мир, обезбедуваат хуманитарна помош, иницираат општествени проекти поврзани со многу дејности од современите текови на животот. ROTARY клубовите се самостојни и одредуваат проекти за помош засновани на локалните потреби. Минативе 100 години, Ротари остави видливи траги во сите сфери на дејствување низ целиот свет. Така, на меѓународната конференција организирана од англиските Ротаријанци во 1943 година, посетена од голем број на министри за образование од целиот свет, почна да се трасира патот за формирање на UNESCO. Ротари одржува блиски врски со многу организации на Обединетите нации. Членови на Ротари учествуваа во потпишувањето на повелбите на Обединетите нации во 1945 и 1949 година, а секоја година се домаќини на ротаријанскиот ден на Обединетите нации со што го прославуваат партнерството за мир. Во 1947 година формирана е Rotary фондација која од своето формирање секоја година обезбедува околу 90 милиони долари за меѓународни стипендии, културна размена и хуманитарни проекти кои го подобруваат животот на милиони луѓе. Последните 50 години, Ротари фондацијата даде повеќе од 1,6 билиони американски долари на различни програми. Значителна поддршка се дава и за различни области на образованието: околу 40 000 амбасадорски стипендии се доделени на студенти од 110 земји во светот. ROTARY овозможи повеќе од илјада милиони деца во земјите во развој да бидат имунизирани против полио преку грантовите на Полио Плус. Постојат и други видови на грантови од кои најпозната е поддршката наречена "Здравје, глад, хуманост". Основното мото на Ротари, „да се служи и помага несебично" е прифатено во 1989 година, зашто тоа најдобро ја изразува филозофијата на волонтерската работа на Ротаријанците. Многу постариот тест на четирите прашања е прифатен во 1943 година: за се’ што се мисли, зборува или работи, потребно е да се постави прашањето: 1. Дали е тоа вистината?; 2. Дали е чесно кон сите?; 3. Дали ќе доведе до добра волја и подобро пријателство?; 4. Дали е корисно за сите? Изразот „Четири авении на дејствување" е одраз на четирите елементи кои ги чинат Начелата на Ротари: служење во клубот, во професијата, кон заедницата и меѓународно служење. Цел на Ротаријанците е подготвеност да се помага во секојдневниот живот преку повеќе форми на дејствување: негување на пријателството како можност да се биде корисен за другите; признавање на високи етички начела во приватниот и професионалниот живот; давање на одговорна и свесна поддршка на Ротаријанците во сите сфери на живеење; негување на добра волја за меѓусебно разбирање на народите, мажите и жените, соединети во идеалот за помош на другите.
... и за ROTARY CLUB Prilep Иницијатива за формирање на Rotary клуб во Прилеп, во 2004 година покренува тогашниот претседател на сега спонзорскиот Ротари клуб од Битола – искусниот Ротаријанец Драган Дамјановски. Договорните состаноци се интензивираат во текот на пролетта и есента 2007 година. На 17 октомври 2007 година е одреден датумот на иницијативниот состанок: 21 ноември истата година, кога е формиран и Иницијативен одбор. Кон крајот на 2007 година е одржано Основачко собрание, а во почетокот на 2008 година е регистрирано Здружение на граѓани „Ротари клуб Прилеп". По комплетирање на потребната документација на 15 април 2008 година во Регистарот на Rotary International e регистриран ROTARY CLUB Прилеп. Денот на Чартер чествувањето е 27 јуни 2008 година. |
|
|
|
||